Романија, Бугарија и Турција потпишаа договор за формирање на група која ќе ја набљудува заедничката операција за деминирање во нивните територијални води во Црното море.
Турските и романските министри за одбрана Јасар Гулер и Ангел Тилвар, како и заменикот на бугарското министерство за одбрана Атанас Запрјанов во четвртокот во Истанбул потпишаа меморандум за разбирање, со кој се воспоставува Поморска група за противмински мерки во Црното море (MCM Black Sea).
Иницијативата има за цел да ги надгледува операциите за прочистување на мините кои плутаат во Црното море од почетокот на руската инвазија во Украина.
„Активностите на MCM Black Sea се од целосно мирољубива природа и не се насочени ниту против една друга земја“, напиша бугарското Министерство за одбрана.
„Се очекува дека ќе помогнат во подобрување на интеракцијата и добрососедските односи меѓу учесниците, без замена за присутноста на НАТО и тековните активности за одвраќање и одбрана во подрачјето на Црното море“, се додава во соопштението.
Турскиот министер за одбрана Јасар Гулер минатиот месец најави дека меморандумот ќе биде потпишан на 11 јануари по повеќемесечни разговори меѓу земјите членки на НАТО.
Романската министерка за надворешни работи Луминита Одобеску за романскиот сервис на РСЕ изјави дека првата фаза од проектот е „трилатерална“, но и дека е отворена за учество на други партнери.
Видете и ова: Зошто е важен договорот за испорака на жито преку Црно Море?Во операцијата, од воздух ќе бидат ангажирани бродови за деминирање, патролни бродови, хеликоптери и дронови.
Се очекува Турција да одигра најголема улога, бидејќи има најмногу бродови способни за вакви операции за деминирање.
Романија пак ќе учествува со бродови за деминирање, хеликоптери, дронови и нуркачи.
Мините во Црното море кои ги постави Русија ја загрозија пловидбата и ги искомплицираа напорите Украина да ја пробие руската поморска блокада.
Последниот познат инцидент се случи на 27 декември, кога товарен брод кој одел кон украинско пристаниште за да натовари жито, налетал на мина, па на бродот избил пожар. Во тој случај две лица беа повредени, пренесоа тогаш украинските власти.