Израел ќе се соочи со обвиненијата за геноцид во Газа пред судот во Хаг

Зградата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг

Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Холандија, ќе ја разгледа тужбата на Јужноафриканската Република која бара итни привремени мерки за прекин на огнот во Газа, односно содржи обвинение за геноцид на Израел во ова подрачје.

Расправата почнува денеска, 11 јануари, а Јужноафриканската Република, која го отвори случајот, бара од судот итно да дејствува „за да се заштити палестинскиот народ од понатамошни, сериозни и непоправливи штети кон Конвенцијата за геноцид, која и натаму се несанкционирано се крши.

Од нападот на Хамас на 7 октомври во кој животот го загубија најмалку 1.200 луѓе, израелските напади доведоа до смрт на повеќе од 23.000 Палестинци во Газа, според податоците на Министерството за здравство со кое раководи Хамас, а од нив 70 проценти се жени и деца.

Агенцијата на Обединетите Нации за палестинските бегалци (UNRWA) процени дека 1,9 милиони луѓе се раселени поради војната во Газа што е речиси 85 отсто од населението, додека десетици илјади згради се уништени.

„Делата и пропустите на Израел на кои се жали Јужноафриканската република се од геноциден карактер, бидејќи целта им е да доведат до уништување на значаен дел од палестинското население“, истакна Јужноафриканската Република во пишаното барање до судот за започнување на постапката на дури 84 страници.

Видете и ова: Јужноафриканската Република поднесе тужба против Израел за геноцид

Случаите за геноцид, кои инаку тешко се докажуваат, можат да траат со години, но Јужноафриканската Република бара од судот итно да се спроведат „привремени мерки“ и да му се „нареди“ на Израел да престане да убива и нанесува страдања и болка кон палестинскиот народ во Газа“.

Во тужбата се бара и да престане да се испраќа ограничена помош во Газа, како и забрана за израелските директиви за евакуација.

Израел пак жестоко реагираше на поднесената пријава, карактеризирајќи ја како „клевета“. Израелците и натаму тврдат дека дејствуваат во самоодбрана, во заштита на израелскиот народ од уништување од страна на милитантната организација Хамас.

САД исто така го отфрлија случајот, односно го оценија како „неаргументиран“

Правни тимови на двете страни ќе имаат околу три часа да ги изнесат своите аргументи пред судот, Јужноафриканската Република во четврток, а Израел во петок.

Пресудата би можела да биде објавена за неколку седмици.