Русија соборила дронови над своја територија, ракетиран хотел во Харкив

Украински спасувачи работат на местото на рускиот ракетен напад во текот на ноќта врз хотел во Харкив, Украина, 10 јануари 2024 година.

Руското Министерство за одбрана извести дека четири украински беспилотни летала биле пресретнати и уништени над територијата на регионите Ростов, Тула и Калуга.

Гувернерот на Калуга Владислав Шапша изјави дека едно беспилотно летало експлодирало над бензинска пумпа во Калуга, оштетувајќи ја зградата, но не е предизвикан пожар.

И руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека во московската област избувнале два големи пожари.

Од Министерството соопштија дека спасувачите се на терен во селото Обухово во близина на Москва, каде што гореле производствен погон и административна зграда.

Министерството информираше дека нема жртви.

Видете и ова: Русија изврши повеќе ракетни напади врз Украина


Во меѓувреме, во руски ракетен напад врз хотел во центарот на Харкив, вториот по големина град во Украина, повредени 11 лица, вклучително и турски новинари кои престојуваа во хотелот, изјави на 11 јануари регионалниот гувернер Олех Синиехубов.

Тој рече дека еден од повредените е во тешка состојба.

Повеќе од 30 цивили се наоѓале во хотелот во моментот на нападот, напиша гувернерот на Телеграм.

Украинската служба за итни случаи извести дека во нападот се повредени „персоналот на хотелот и гостите, од кои еден е странски новинар“, без да даде дополнителни детали.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, рече дека во хотелот не престојувал воен персонал.

Русија започна неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година.