Канцеларијата за воени врски на НАТО во Белград соопшти дека прашањето за воведување задолжителен воен рок во Србија е одлука на српските државни органи.
„НАТО ќе продолжи да ги поддржува напорите на Србија за модернизација на своите вооружени сили во рамките на развиено и заемно корисно партнерство“, се вели во писмениот одговор на НАТО за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 10 јануари.
Во одговорот се нагласува дека НАТО целосно ја почитува воената неутралност на Србија.
„Сè што прават Србија и НАТО заедно е скроено за да ги задоволи потребите на Србија и да и помогне да ги подобри своите вооружени сили во рамките на партнерството за мир“, изјавија од Воената канцеларија за врски на НАТО во Белград.
Иницијативата за повторно воведување на задолжителен воен рок ја покрена Генералштабот на Војската на Србија,а предлогот беше доставен до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 4 јануари.
Видете и ова: Генералштабот на Србија покрена иницијатива за враќање на задолжителниот воен рокВо своето образложение, Армијата наведува дека предлогот доаѓа „по детално разгледување на општата безбедносна ситуација и современите предизвици со кои се соочува Србија како воено неутрална земја“.
Во Србија, задолжителниот воен рок беше укинат на 1 јануари 2011 година, а оттогаш во војска се оди само доброволно.
Србија се декларира како воено неутрална зема, а воената неутралност ја вклучи и во Стратегијата за одбрана и Стратегијата за национална безбедност, кои беа усвоени од Собранието во 2019 година.
Српските власти во своите изјави нагласуваат дека Србија нема и нема да има намера да влезе во НАТО, со кој соработува од 2006 година преку Партнерството за мир. Србија е меѓу ретките земји од Западен Балкан која не сака да му се приклучи на овој воен блок.