Зеленски од Вилнус порача дека Путин „нема да застане“ на Украина

Зеленски во Посета на Вилнус, Литванија, 10.1.2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 10 јануари предупреди дека секое одложување на помошта од западот за Киев го охрабрува Кремљ, речиси две години по руската инвазија на Украина.

Зеленски престојува во главниот град на Литванија, Вилнус, во рамки на изненадувачка посета на балтичките држави, за да обезбеди воена и финансиска поддршка од Западот за војната.

„Рускиот претседател Владимир Путин нема да застане“, порача Зеленски на пресконференцијата за новинари со литванскиот колега Гитан Наусед.

„Тој сака целосно да не окупира, а понекогаш, несигурноста на нашите партнери во поглед на финансиската и воена помош за Украина само ја зголемува храброста и силата на Русија“, додаде Зеленски.

Коментарите на Зеленски пак доаѓаат во време додека западните партнери се колебаат околу континуираната поддршка за Украина.

Видете и ова: Зеленски пристигна во Вилнус на ненадејна турнеја низ балтичките земји

Зеленски предупреди дека Путин нема да застане на Украина, туку дека ќе ги нападне и другите соседи ако партнерите не ги здружат силите во напорите да го спречат.

„Мораме да разбереме дека Литванија, Летонија, Естонија и Молдавија можат да бидат следни ако ние (Украина) не го спречиме“, додаде тој.

Зеленски нагласи и дека во деновите кога Русија ги обновува масивните воздушни напади, на Киев „многу му недостасуваат“ современи системи за противвоздушна одбрана.

„Во текот на последните неколку денови Русија ја нападна Украина со вкупно 500 различни проектили: Уништивме 70 проценти од нив. Системите за противвоздушна одбрана се работа број еден која ни недостига“, рече Зеленски.

Видете и ова: Закана од воздушен напад во Украина

Посетата на трите поранешни советски републики – Летонија, Литванија и Естонија – сега веќе членки на ЕУ и НАТО, претставува прво официјално патување на Зеленски во странство оваа година.

Како што и најави од претходно, на дневен ред на овие средби со балтичките лидери се безбедноста, поддршката за Украина, нејзината интеграција во ЕУ и НАТО, како и понатамошната координација за поддршката од ЕУ.

Во меѓувреме, во Украина, утрово на 10 јануари, прогласена е целосна узбуна за воздушен напад, а властите ги испратија граѓаните во засолништа поради зголемена опасност од руски ракетни напади.