Основниот кривичен суд Скопје формираше предмет во однос на жалбата на Основното јавно обвинителство за упадот во М-НАВ на 4 јануари, во која се бара четворицата приведени за овој случај да дообијат притвор, наместо мерки за претпазливост како што им определи Кривичен претходно.
Од судот сега соопштија дека откако е оформен предмет по оваа жалба, Кривичниот совет при судот ќе донесе конечна одлука во наредните 48 часа.
„Со оглед на барањето на странките во постапката, но пред се заради доследно почитување на законските одредби, судот во рокот од 48 часа ќе донесе соодветна одлука за што ќе ги информира странките и јавноста“, се посочува во денешното соопштение од Кривичниот суд.
Упадот во М-НАВ го извршија вкупно 8 лица, но по четворица од нив се уште се трага, а од Кривичен информираа и дека до попладнево јавниот обвинител нема поднесено дополнително барање за определување мерки и за други инволвирани лица освен за овие за кои веќе важат определените мерки за претпазливост.
Видете и ова: Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директоритеУпадот во М-НАВ се случи на 4 јануари кога Беким Незири, вработен во институцијата и неколку други лица упаднаа во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром по прес-конференцијата на синдикатот на М-НАВ, на тие која порачаа дека нема да прифатат партиски вработувања.
По овој инцидент, иако Обвинителството бараше притвор, Кривичниот суд на четворицата приведени им определи само мерки за претпазливост, а Владата на вчерашната седница одлучи да му препорача на Надзорниот одбор на М-НАВ да разреши двајца од тројца директори и тоа на Фахрудин Хамиди кој досега ја извршуваше функцијата извршен директор, како и Љубе Стаменковски, кој беше на позицијата секторски- технички директор.