Членови на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС) денеска протестираа пред Собранието за одново да го искажат својот револт од предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа.
Истовремено пак, додека АСОМ протестираше, пратениците ги разгледуваа предложените измени на второ читање во собраниската Комисија за европски прашања.
Со предвидените измени пак се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии, како и да бидат оддалечени од училиштата најмалку 500 метри.
Горан Стојменов, претставник на АПИС, на денешниот протест во изјава за медиумите истакна дека евентуалното усвојување на измените во ваква верзија ќе остави 10 000 вработени без егзистенција, а Буџетот ќе загуби 280 милиони евра годишен приход.
Видете и ова: Молк од Финансиска полиција за предистрагата за Државна лотарија„Измените во ваква верзија ќе ја вратат земјава во 1990-та година, кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња и диви играчници по подруми во секое мало. Државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината ќе биде навистина загрозена. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставниот суд, ќе следат тужби за астрономски штети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 000 вработени, од 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар. Сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, а банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Буџетот ќе загуби 280 милиони евра годишен приход, што е најмалку 5 отсто од предвидените државни приходи за 2024 година“, порача Стојменов.
Претседателот на АСОМ пак, Васко Илиевски истакна дека блокирањето на улицата пред Собранието е само прва ваква блокада додека не се слушне нивниот глас.
Тој најави и серија масовни протести, како „и други демократски форми за изразување незадоволство“, ако бидат усвоени овие измени.