Холандскиот амбасадор се сретна со Ахмети: Неприфатливо е политичко влијание врз претседател на Врховен суд

Средба на холандскиот амбасадор во Северна Македонија Дирк Јан Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети

Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јак Коп одржа средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, објави на својот Фејсбук профил холандската амбасада во земјава.

Амбасадорот Коп на средбата со Ахмети порачал дека Холандија е загрижена поради континуираниот „пад на владеењето на правото во Северна Македонија“. Покрај ова, холандскиот амбасадор истакнал и дека за Холандија е „неприфатливо политичкото влијание врз претседателот на Врховниот суд“.

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по двегодишен постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, стои во објавата на холандската амбасада на Фејсбук.

Видете и ова: (Не)разрешувањето на Беса Адеми - нов испит за Судскиот совет

Од страна на Судскиот совет пак, кон крајот на минатата година, на иницијатива на членот Миљазим Мустафа беше започната постапка за утврдување дисциплинска одговорност на претседателката на Врховен, Беса Адеми.

Мустафа ја покрена оваа иницијатива по интервјуто на претседателката Адеми за порталот СДК.МК, во кое Адеми отворено зборуваше за политички притисоци врз институцијата на која таа е прв човек, за оживување на „амнестијата на претседателот Ѓорѓе Иванов, како и за политичките математика за спас на експремиерот во бегство, Никола Гриевски.

Судскиот совет на 29 декември расправаше за оваа иницијатива, но седницата заврши без одлука за барање одговорност од Адеми.

Видете и ова: Судскиот совет одлучува за иницијативата за дисциплинска одговорност на Беса Адеми

По образложенијата и изнесувањето на завршните зборови и од подносителот на иницијативата Миљазим Мустафа и одбраната на Беса Адеми, во рок од 15 дена ќе биде изготвен извештај за нивното изјаснување, кој ќе биде доставен до Судскиот совет.

Откако Комисијата која ќе ги разгледа овие образложенија ќе го изготви извештајот, ќе треба да го достави до советот, кој пак потоа ќе треба да одлучува за поднесената иницијатива.