Меџити ги повика родителите да ги вакцинираат децата

илустрација

Повикуваме на вакцинација затоа што вакцините спасуваат животи, апелираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа каква е состојбата со големата кашлица во државата и дали таа се должи на тоа што многу луѓе не ги вакцинираат своите деца.

„Знаете дека ги презедовме сите чекори, со сите европски институции соработуваме во тој правец и се одвива во добра насока. Значи, не можеме преку ноќ да го смениме менталниот склоп на граѓаните, но, ги повикувам сите, нашата иднина се нашите деца и ние ги повикуваме сите да се вакцинираат зошто тоа пред сè, ни ги заштитува животите и спасува. Затоа мора да сфатат и полека ќе сфатиме сите, дека вакцинирањето на нашата иднина е пред сè и тоа е иднината на нашата држава“, изјави министерот.

Видете и ова: Расте бројот на заболени од грип и ковид 19

Инаку, голема кашлица, пертусис, е потврдена кај шестмесечно бебе од Скопје на Детската клиника „Козле“ во Скопје.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети вчера за МИА изјави дека три случаи на пертусис - голема кашлица, се евидентирани во 2023 година.

Во земјите од регионот е многу поголем бројот на заразени од голема кашлица. Експертите во Хрватска уште во декември предупредија дека бројот на заболени од голема кашлица во таа земја е најголем во изминатите 40 години. Тие, исто така, предупредија дека вакцинацијата против голема кашлица и други заразни болести и натаму е најефикасна заштита за новороденчињата и доенчињата, како и за постарите деца. Случаи на голема кашлица пријавија и Црна Гора и Србија.