Претседателот Стево Пендаровски нема да има предност во трката за претседателски кандидат во СДСМ, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој вели дека во партијата е почната процедурата за номинација на кандидатите за претседател и оти сите имаат еднаква стартна позиција.
„Јас неколкупати имам кажано дека во таа номинациска трка сите можни кандидати имаат еднаква стартна позиција, бидејќи така налага статустот на СДСМ. Што се однесува до Пендаровски, тој успешно го заврши претседателскиот мандат, ги поддржа евроинтеграциите и сите граѓани ги третираше со еднаква почит, во моментов може да зборувам за вредностите кои би ги дал заедничкиот кандидат, но не можам да прејудицирам кој би бил тој. Тоа е неетички“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања, на отворањето на Поликлиниката Сарај.
Претседателот Пендаровски вчера изјави дека одлуката дали ќе се кандидира за втор мандат ќе ја донесе во втората половина на февруари.
Видете и ова: Пендаровски - Не сум безгрешен, но мојата совест е мирна
Ковачевски не одговори кога ќе се сретне со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во врска со техничката Влада, а за оставката рече дека таа ќе биде во законски предвидениот рок.
„Во однос на оставката, таа ќе биде во законски рок поднесена, верувам на крајот на неделата после следната. И вчера имаше соопштение од Собранието во однос на датумите за гласање на техничка влада, така што тој дел ќе биде завршен така како што е пропишано согласно со закон“, изјави Ковачевски.
Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери информираше дека формалните подготовки за техничката Влада во Собранието ќе се одвиваат во периодот од 22 до 28 јануари.