ОБСЕ ја критикува одлуката на Белорусија да не дозволи нејзини набљудувачи на изборите

илустрација

Највисокото трансатлантско набљудувачко тело за безбедност и човекови права го критикуваше одбивањето на Белорусија да и дозволи на групата да го следи парламентарното гласање, велејќи дека тоа е спротивно на меѓународните обврски на земјата.

Белоруските власти вчера соопштија дека нема да поканат набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за следење на парламентарните и локалните избори што ќе се одржат во земјата во февруари.

Белорусија е земја членка на ОБСЕ, а членовите на групата со децении се единствените меѓународни набљудувачи кои внимателно ги следат изборите во Белорусија.

ОБСЕ соопшти дека оваа одлука е спротивна на обврските што ги има Белорусија како земја членка на организацијата.

Видете и ова: Популарни белоруски музичари осудени на затворски казни

Матео Мекачи, шеф на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, рече дека одбивањето на Белорусија „ќе ги спречи граѓаните и институциите на земјата да имаат корист од непристрасна, транспарентна и сеопфатна проценка“.

„Ова ги прекршува договорите склучени со Белорусија и е спротивно на принципите и духот на соработката врз кои е основана ОБСЕ“, рече тој.

Парламентарните избори на 25 февруари ќе бидат први по спорните претседателски избори во 2020 година на кои Александар Лукашенко го освои шестиот мандат како шеф на државата и предизвика бран протести низ целата земја.