Република Српска со дефиле одбележува неуставен празник и покрај предупредувањата од ЕУ и од САД

Одбележување на Ден на Република Српска, Бања Лука, 9 јануари 2024

Република Српска (ентитет на Босна и Херцеговина) со дефиле низ улиците на Бања Лука денеска (9 јануари) го одбележува Денот на Република Српска, празник кој Уставниот суд на Босна и Херцеговина три пати го прогласи за неуставен.

Празникот се слави под надзор на Обвинителството на Босна и Херцеговина и со осуда од Европската Унија(ЕУ) и од Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина.

Бања Лука, Одбележување на Ден на Република Српска, 9 јануари 2024


На дефилето што се одржува во административниот центар Република Српска(РС), меѓу другите, има и претставници на полицијата на РС, ентитетските јавни служби, демобилизирани припадници на Армијата на РС, студенти, но и членови на огранокот на руската моторџиска група „Ноќни волци“ во Република Српска, познати по својата поддршка на Кремљ.

Меѓу насобраните граѓани може да се забележат српско и руско знаме, други национални симболи, но и знаме со ликот на рускиот претседател Владимир Путин.

Видете и ова: Додик го одликува Орбан со истото признание што му го додели на Путин

Одбележувањето на Денот на РС е незаконско, бидејќи непочитувањето на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина е кривично дело за кое е предвидена казна затвор до пет години.

Уставниот суд на Босна и Херцеговина последен пат за овој ден одлучуваше на 29 март 2019 година, кога го оспори Законот за Денот на РС, кој беше усвоен од Националното собрание на ентитетот во 2016 година.

Тогаш беше поништена законската одредба 9 јануари како Ден на РС и таа престана да важи.

Бања Лука, Одбележување на Ден на Република Српска, 9 јануари 2024

Од Обвинителството на БиХ за Радио Слободна Европа изјавија дека тие, заедно со партнерските агенции за спроведување на законот, ги следат сите активности што се случуваат на 9 јануари, а кои би можеле да имаат „елементи на кривични дела“.

По повод 9 јануари, Милорад Додик, претседателот на РС, додели награди на различни поединци и институции, а највисокото признание му припадна на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Видете и ова: САД очекуваат истрага за прославата на Денот на Република Српска

ЕУ и САД се против ова одбележување. Портпаролот наЕУ, Петер Стано, изјави дека прославата на 9 јануари е незаконска за ЕУ и потсети дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина веќе донел одлука дека оваа прослава не е во согласност со државниот Устав.

Амбасадата на САД соопшти дека „проблемот не лежи во одбележувањето на празникот, туку во одлуката тоа да биде на 9 јануари“.

Бања Лука, одбележување на Ден на Република Српска, 9 јануари 2024

На 9 јануари 1992 година, Собранието на српскиот народ во Босна и Херцеговина ја усвои Декларацијата за прогласување на Република на српскиот народ на Босна и Херцеговина како независен ентитет во Босна и Херцеговина, а властите на РС го одбележуваат овој датум како ден на основање на Република Српска.

Претставниците на Бошњаците и Хрватите не учествуваа во изготвувањето на Декларацијата. Овие две нации го гледаат 9 јануари како почеток на војната во Босна и Херцеговина и почеток на етничко чистење, воени злосторства и геноцид врз несрпското население.