Блинкен побара од Нетанјаху „да се избегне дополнителна штета за цивилите во Газа“

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен, во посета на Израел

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска (9 ноември) разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во израелскиот воен кабинет во Тел Авив, соопштија од Белата куќа.

Блинкен, кој е во посета на Израел, ја потврди американската поддршка за „правото на Израел да спречи терористички напади“, но исто така, ја истакна важноста од „избегнување натамошна штета за цивилите и заштита на цивилната инфраструктура“ во Газа.

„Нетанјаху и Блинкен разговараа за напорите да се обезбеди ослободување на сите преостанати заложници држени од Хамас и испораката на хуманитарна помош во Газа“, изјави Метју Милер, портпарол на Белата куќа.

„Државниот секретар ја повтори потребата да се обезбеди траен, одржлив мир за Израел и за регионот, вклучително и остварување на палестинска држава“, рече Милер.

Видете и ова: Блинкен во нова турнеја на Блискиот Исток, во обид да спречи ширење на конфликтот

Блинкен ја започна посетата на Израел со средба со израелскиот претседател Исак Херцог.

Портпаролот на Блинкен вели дека државниот секретар на САД ја повторил американската поддршка за правото на Израел да гарантира дека нападите на Хамас врз Израел од 7 октомври „не може да се повторат“ и ја истакна потребата да се преземат сите можни мерки на претпазливост за да се минимизира цивилната штета“ за време на израелската операција против Хамас.

Според Милер, Блинкен и Херцог разговарале и за „тековните напори да се обезбеди ослободување на сите преостанати заложници земени од Хамас во нападот на 7 октомври“.

Посетата на американскиот државен секретар на Израел е дел од неговата турнеја во регионот со цел да се спречи ескалација на војната во Газа во регионална војна.

Ова е четврто патување на Блинкен во регионот, откако вооружени лица на Хамас од Газа го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, што го натера Израел да почне воена офанзива против палестинската милитантна група во крајбрежната енклава.