Пендаровски: Случувањата во М-НАВ да се расчистат во најкраток рок

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на средба со претставниците на Синдикатот на контролори на летање во М-НАВ, Александар Тасевски и Горан Гавровски

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ги поддржа заложбите на Струковиот синдикат на контролори на летање во М-НАВ АД - Скопје, додека Владата на седница денеска одлучува за иднината на директорите во М-НАВ по низа скандали и инциденти во оваа компанија, а контролорите се заканија со генерален штрајк доколку не се разрешат директорите на М-НАВ.

Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека тој денеска ги примил претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски и членот на синдикалниот одбор, Горан Гавровски.

„Во оваа насока, претседателот Пендаровски уште еднаш го осуди насилничкото однесување во М-НАВ од страна на вработени во таа институција и други лица кои неовластено влегле во нивните простории и повика на расчистување на случувањата во најкус можен рок, имајќи предвид дека станува збор за потенцијално загрозување на безбедноста во меѓународниот авионски сообраќај“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Видете и ова: Некој нема да лета - директорите или авионите

Истовремено, претседателот на државата го реафирмирал ставот дека ничиј личен или политички интерес не може да биде над правниот поредок и непреченото функционирање на институциите.

Владата денеска треба да одржи седница, на која, како што е најавено, ќе носи одлуки за состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.

Минатата недела осум лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ), упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје.

Видете и ова: ОЈО контра Кривичен: Ги приложивме сите докази дека постои можност лицата кои упаднаа во М-НАВ да се дадат во бегство

Упадот на 4 јануари следеше по прес-конференција на претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, кој алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.

Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, пак, на прес-конференција настанот го опиша како „мало кошкање“ и не најави дека ќе се повлече од функцијата.

М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.