Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи 34-годишниот поранешен министер за образование Габриел Атал за нов премиер на Франција, објави Елисејската палата во вторникот, откако центристичката влада на Елизабет Борн поднесе оставка претходниот ден.
Макрон сака да ја реорганизира владата по неодамнешните тешкотии со донесувањето на новиот закон за имиграција. Изборите за Европскиот Парламент се закажани за напролет, а Франција ги организира Олимписките и Параолимписките игри летово.
Атал неодамна беше на чело на Министерството за образование. Сега, на 34-годишна возраст, тој треба да стане најмладиот премиер во поновата француска историја. Тој се смета за многу популарен и има репутација дека може да разговара за секакви прашања со претставници од други политички табори.
Во Франција, премиерот има подредена улога на претседателот, кој има важни овластувања слични на оние кои ги има американскиот претседател. Некои експерти дури го нарекуваат францускиот систем „претседателска монархија“. Претседателот ги поставува општите правила на внатрешната и надворешната политика, кои генерално ги следат премиерот и владата.
Видете и ова: Правото на абортус ќе влезе во францускиот уставОд парламентарните избори во 2022 година, неговиот табор повеќе нема апсолутно мнозинство во Националното собрание и се потпира на гласовите од опозицијата. Макрон веќе ја протурка контроверзната пензиска реформа минатата година. Со новиот закон за имиграција, владата направи толку големи отстапки за конзервативните републиканци во декември што дури и пратениците од сопствените редови на владата гласаа против законот.
Сепак, минималниот степен на стабилност на Владата е важен за Макрон во моментов, бидејќи тој се соочува со големи предизвици во наредните месеци. Десничарските националисти на Марин Ле Пен се закануваат дека значително ќе ги надминат кандидатите од неговиот политички табор на европските избори во јуни. Дополнително, треба да се организира и големиот настан на Олимписките и Параолимписките игри во Париз на лето, каде Франција сака да ја претстави својата најдобра страна. Се очекува во наредните денови да биде претставен владиниот тим на Атал.