Израел почна нова фаза од војната, со помалку војници и воздушни напади

илустрација

Израелската армија започна нова и помалку интензивна фаза од својата инвазија на Газа, рече главниот воен портпарол Даниел Хагари, по долготрајниот притисок од Соединетите Држави и другите сојузници да го намалат обемот на офанзивата која предизвика големо уништување и смрт на цивили.

Хагари рече дека во таа фаза ќе бидат вклучени помалку копнени сили и ќе има помалку воздушни напади. Тој најави дека Израел ќе продолжи да го намалува бројот на војници во Газа, процес што започна во декември.

Навестувајќи дека Израел ги деградирал воените способности на Хамас на северот на Газа, портпаролот на израелската армија, изјави дека армијата сега ќе се фокусира на упориштата на организацијата во јужниот и централниот дел на палестинската територија, особено околу градовите Кан Јунис и Деир ал-Балах.

Видете и ова: Зголемен ризик од ширење на војната на Блискиот Исток по атентатот врз лидер на Хамас

Тој, исто така, објави дека Израел има за цел да ја олесни испораката на повеќе хуманитарна помош, вклучително и шатори за раселување на луѓето во Газа.

Портпаролот ова го изјави пред доаѓањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Израел, како дел од турнејата во регионот со цел да се спречи ескалација на војната во Газа во регионална војна. Сепак, не е јасно дали новата фаза од израелската офанзива ќе биде помалку опасна за палестинските цивили.

Здравствените власти во Газа продолжуваат да известуваат за десетици смртни случаи во секојдневните воздушни напади. Вчера (8 јануари) беше објавено дека претходната ноќ биле убиени 247 луѓе, што е најголем број убиени во еден ден од почетокот на војната.