На владина седница денеска (9 јануари) се очекува да се донесе одлуки за состојбата со М-НАВ, меѓу кои и за разрешување на раководството и ревизија за досегашното работење, откако минатата недела осум лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје.
„На иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки - целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени; да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“, стои во соопштението од Владата од 4 јануари.
Во соопштението беше наведено дека ќе бидат повикани Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
Оваа е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.
За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, беше наведено во соопштението од ОЈО.
Независниот сидникат на контролори на летање во М-НАВ се закани дека доколку директорите не поднесат оставки или не бидат разрешени на утрешната владина седница ќе стапат во генерален штрајк.
Видете и ова: Платформата за борба против корупција бара Владата да утврди одговорност за инцидентот во М-НАВНајавите за штрајк следат по последните случувања во македонската навигација, кои ескалираа со упад во институцијата на 4 јануари, кога беа нападнати вработени на работните места. Упадот следеше по прес-конференција на претседателот на Синдикатот Александар Тасевски кој алармираше дека се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.
Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, пак, на прес-конференција немилиот настан го опиша како „мало кошкање“ и не најави дека ќе се повлече од функцијата.
Видете и ова: Мицкоски за упадот во М-НАВ: Ако ова се случеше во Париз или Берлин, бандитите или ќе беа уапсени или ликвидираниОд Обвинителството побараа мерки притвор за 8 лица поради упадот во зградата на М-НАВ (по четворица се уште се трага), тврдејќи дека е сторено кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и поради тоа побараа притвор за приведените, но според Кривичен, не постојат доволно елементи за оваа квалификација, па осомничените добија само мерки за претпазливост, односно одземени им се пасошите.