Растат надежите за спас на петте лица заробени во словенечката пештера

Спасивачките екипи во пештерата Крижна јама во Словенија

Тричленото семејство и двајца водичи ноќта ја поминаа во пештерата Крижна јама во Словенија, каде што се заробени веќе трет ден, а денеска (8 јануари) спасувачите повторно ќе се обидат да ги извлечат откако нивото на водата почна да опаѓа.

Шефот на службата за спасување во пештера, Валтер Закрајшек, изјавил дека нивните екипи повторно ќе се спуштат во пештерата, и ако се биде во ред спасувањето ќе се случи околу 17 часот, пренесува новинската агенција Бета.

Видете и ова: Невреме во Австралија, евакуирани стотици жители


„Излегувањето од пештерата нема да биде лесно, а овие пет лица на некои места ќе мора да пливаат. Меѓутоа, во текот на ноќта водата се повлекла, па изгледите за спас се добри“, изјави Закрајшек.

Пет лица останаа заробени во пештерата Крижна јама во југозападна Словенија поради високите водостои предизвикани од обилните врнежи.

Ден претходно Закрајшек изјави дека лицата заробени во пештерата се во добра психичка и физичка состојба.