Основното Јавно Обвинителство Скопје (ОЈО) преку соопштение одговори на ставот на Кривичен дека оттаму не приложиле доволно докази за да се стават во притвор четворицата приведени кои на 4 јануари со уште четири лица кои се уште се на слобода упаднаа во зградата на М-НАВ. Наместо притвор, Кривичен им определи само мерки на претпазливост.
Од Обвинителството, спротивно на ставот на Кривичен, велат дека им биле приложени сите докази зошто е побаран притвор, бидејќи според нив постои реална можност лицата доколку не се во притвор, да се дадат во бегство.
„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото“, стои во соопштението на Обвинителство.
Од Кривичен пак, од претходно, образложувајќи зошто приведените добиле само мерки на претпазливост, а не и притвор, тврдеа дека во овој случај не се работи на загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај бидејќи никој не бил повреден или убиен, но од ОЈО го демантираат и овој став на судот.
Видете и ова: Кривичен: ОЈО не понуди доволно докази за упадот во М-НАВ, случајот ќе треба дополнително да се истражува„Во однос на обележјата на кривичното дело - Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“, се додава во соопштението на ОЈО.
Во инцидентот кој се случи 4 јануари, Беким Незири, вработен во институцијата и неколку други лица упаднаа во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром по прес-конференцијата на синдикатот на М-НАВ, на која порачаа дека нема да прифатат партиски вработувања.
Видете и ова: Обвинителството ќе се жали бидејќи Кривичен не им одреди притвор на лицата кои упаднаа во М-НАВПо ова, премиерот Ковачевски најави дека Владата на 9-ти јануари на седница ќе расправа за инцидентот, додека истиот ден Управата за финансиска полиција најави влез во М-НАВ каде финансиските инспектори ќе го испитуваат целокупното финансиско работење, работата на целокупниот менаџмент, јавните набавки, работењето на синдикатот како и последните вработувања во институцијата.