Српскиот претседател Александар Вучиќ на 7 јануари изјави дека Европа бара од Србија таа да го признае независно Косово.
„Де факто или де јуре. Да, тоа се бара. Да не се лажеме дека не е така. Најголемата сила, Европската Унија, го бара тоа. Суштински го бара тоа“, изјави Вучиќ за телевизија Пинк, пренесува Бета.
Зборувајќи за тоа дали српските граѓани можат да се усогласат околу влегувањето на земјата во ЕУ, Вучиќ рече дека тој е „за“, но истакна и дека половина од граѓаните се „за“, а половина се против влегувањето во ЕУ.
Претседателот оцени и дека српските граѓани не можат да се согласат ниту околу Косово.
„Можеме себеси да се лажеме дека сме согласни по тоа прашање. Секако дека не сме. Секако дека еден дел смета оти Косово треба што побрзо да се предаде, Србија ќе биде поздрава, но тоа нема и не треба јавно да го кажат. Другиот дел ќе речат – бранете го Косово и Метохија по секоја цена, но без мене и моите деца“, рече тој.
Видете и ова: ЕУ го поздравува признавањето на регистарските таблички меѓу Србија и КосовоКосово својата независност од Србија ја прогласи на 17 февруари 2008 година, речиси една деценија по завршувањето на војната и повлекувањето на српските сили.
Повеќе од 100 земји кои го признаа Косово, оваа одлука ја донесоа истата година кога беше прогласена независноста, во 2008 година.
Од земјите на Западен Балкан, покрај од страна на Србија, Косово не е признато уште од Босна и Херцеговина.
Косово од 2011 година, под покровителство на ЕУ, води дијалог со Србија за нормализација на односите, процес поддржан и од Соединетите Американски Држави.