Европската унија (ЕУ) ги поздравува одлуките на Косово и Србија официјално да ги признаат меѓусебните регистарски таблички на возилата и целосно да го укинат режимот на налепници, изјави високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Овие одлуки Борел ги оцени како позитивен чекор во спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација на односите, како и претходните обврски од Дијалогот во однос на слободата на движење.
„Тие покажуваат дека напредокот во подобрувањето на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е можен и ја зајакнува важноста за продолжување на работата во рамките на дијалогот предводен од ЕУ“, рече тој во изјавата.
Видете и ова: Косовската влада ги укина налепниците на регистарските таблички од СрбијаШефот на европската дипломатија, исто така, смета дека ова претставува чекор во вистинска насока кон подобра регионална и европска интеграција на Западен Балкан, што според него е во корист на граѓаните од регионот.
Владата на Србија на 25 декември минатата година објави дека од 1 јануари ќе овозможи слободно движење на возила со косовски ознаки „РКС“ на територијата на Србија.
Владата на Косово пак, на 4 јануари соопшти дека ја носи истата одлука, односно дека се откажува од поставување налепници на возилата со српски регистарски таблички.