Русија минатата ноќ лансираше 28 беспилотни летала и три крстаречки ракети кон Украина, соопштија украинските воздухопловни сили на 7 јануари.
Во објава на нивниот канал на социјалната мрежа Телеграм, тие соопштија дека украинските системи за противвоздушна одбрана собориле 21 беспилотно летало, а дека Русија цели главно на југот и на истокот на Украина, пренесува Ројтерс.
„Непријателот го пренасочува фокусот кон напад на територии долж фронтот, регионите на Херсон и Дњепропетровск беа нападнати со беспилотни летала“, изјави портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат за националната телевизија.
За овие тврдења засега нема независна потврда, а засега нема реакции од официјална Москва.
Видете и ова: Украина уништила уште еден руски команден центар на КримРегионалните власти на Днепропетровск на Телеграм објавија дека во напад со дрон во градот Днипро се повредени 12 лица, а оштетени се и неколку згради.
Русија истрела околу 300 проектили и повеќе од 200 беспилотни летала во нападите во последните денови од 2023 година, како и во текот на првите денови од оваа година.
И Украина и Русија ги засилија нападите во последните денови како што се приближува втората годишнина од конфликтот.