Заменик премиерот на Косово, Бесник Бислими, изјави дека граѓаните на Косово ќе можат да патуваат без виза и во Шпанија, бидејќи официјален Мадрид сега ги признава пасошите на Косово.
Бислими преку објава на Фејсбук наведе дека оваа вест ја објавил Одделот за миграции и внатрешни работи на Европската Унија.
„Како што безвизниот режим започна на 1 јануари, така Шпанија е додадена како дестинација за земјите од шенгенскиот простор во кои можеме да патуваме преку визната либерализација, додека порано пречка беше непризнавањето на нашите пасоши“, напиша Бислими.
Граѓаните на Косово кои имаат биометриски пасоши од 1 јануари можат да патуваат без виза во 27-членки на шенгенската зона, откако на сила стапи одлуката за либерализација на визите за Косово.
Меѓутоа, патувањето без виза првично не беше случај за Шпанија.
Видете и ова: И по визната либерализација, Шпанија ќе бара визи за косовските граѓаниШпанија е меѓу петте земји од ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, а меѓу нив се Грција, Кипар, Словачка и Романија. Сепак, споменатите земји ги признаваат патните исправи издадени од властите во Косово.
Визната либерализација им овозможува на граѓаните на Косово кои имаат биометриски пасоши да престојуваат до 90 дена, во рок од шест месеци, во која било од 27-те земји-членки на Шенген зоната.
Безвизното патување е за туристички и семејни посети или слично. Сепак, визната либерализација не значи работни дозволи или други бенефиции.
Косово е последната земја на Западен Балкан чии граѓани не можеа слободно да се движат во Шенген зоната до 1 јануари 2024 година, а и покрај тоа што од 2018 година, Европската комисија неколку пати потврди дека Косово ги исполнило условите за визна либерализација, сепак некои земји постојано изразуваа резерви.