Неколку десетици млади и пензионери, собрани од страна на Асоцијацијата на независни интелектуалци „Круг 99“, учествуваа во протестен марш низ центарот на Сараево.
Причината, како што велат, лежи во актуелната политичка криза, отворени сепаратистички намери, усложнување на безбедносната состојба и непочитување на владеењето на правото во државата.
Повод за протестите, како што истакнуваат, е и недостатокот на конкретно дејствување на високите претставници во сите околности, но и во случај на одбележување на неуставниот ден на боснохерцеговскиот ентитет Република Српска.
„Расте вознемиреноста на граѓаните пред актуелниот сепаратизам и иредентизам кој може да доведе до вонредна, па дури и воена состојба во Босна и Херцеговина“, смета Ријад Ахметовиќ, претседателот на форумот на Млади Круг 99.
Носејќи транспаренти и извикувајќи „Сите за Босна, Босна за сите“, „Стоп за неуставниот ден на Република Српска“, учесниците на протестот прошетаа од Башчаршија, преку центарот на градот до зградата на претседателството на БиХ.
Таму ги претставија своите барања и ги повикаа на „акција сите домашни и интернационални актери кои преку Дејтонскиот договор се обврзаа на помош во демократскиот развој на БиХ“.
Во едно од барањата образложија и дека 9 јануари, денот на Српската Република, покрај тоа што е неуставен, е и „датум потопен во крв на илјадници убиени и повредени, неброени невини жртви на геноцид, за кои и интернационалните судови дале конечен збор“, како и тоа дека на неговото одбележување треба „транспарентно да се одговори со расположливите сили на одбраната на државата“.
Инаку, уставниот суд во БиХ три пати го прогласи 9 јануари, денот на Српската Република, за неуставен, а Венецијанската комисија го означи како дискриминаторски.
Уставниот суд на Босна и Херцеговина трипати го прогласи 9 јануари за Денот на Српската Република за неуставен, а Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставни прашања, го прогласи за дискриминаторски.
Според судската одлука, не е спорно дека субјектот може да има свој ден, но спорно е неговото обележување на 9 јануари.
Видете и ова: Додик го назначи Вулин за сенатор на Република СрпскаНа тој датум во 1992 година, Собранието на српскиот народ во Босна и Херцеговина ја усвои Декларацијата за прогласување на Република на српскиот народ на Босна и Херцеговина како независен ентитет во Босна и Херцеговина.
На чело на самопрогласената република беа Радован Караџиќ, Билјана Плавшиќ и Момчило Крајишник, кои беа осудени од Хашкиот трибунал за воени злосторства. Претставниците на Бошњаците и Хрватите не учествуваа во потпишување на декларацијата.