Авион на компанијата „Алјаска ерлајнс“ принудно слетал во американската сојузна држава Орегон на 5 јануари, откако прозорец и дел од трупот излетал за време на летот на височина од околу 5.000 метри, објави агенцијата Асошиетед прес ( АП).
Авионот „Боинг 737-9 МАКС“ со 174 патници и шест членови на екипажот слетал безбедно, соопштија од авиокомпанијата.
Инцидентот се случил набргу откако авионот полетал од Портланд, Орегон на пат кон Онтарио, Калифорнија, по што „Алјаска ерлајнс“ соопшти дека превентивно ќе ја приземји целата своја флота од 65 авиони Боинг 737-9.
Видете и ова: Најмалку 60 приведени по инцидентот на аеродромот во МахачкалаАмериканската федерална управа за авијација (FAA) објави дека авионот слетал безбедно откако екипажот пријавил проблеми со притисокот. Од раководството на управата соопштија дека дополнително ќе го истражат случајот.
Компанијата Боинг објави дека е запознаена со инцидентот и собира информации, како и дека е подготвена да ја поддржи истрагата.
„МАКС“ е најновата верзија на двомоторниот авион 737 на Боинг, кој често се користи на домашни летови во САД. Тој модел беше пуштен во употреба во мај 2017 година.