Бројот на жртви по бомбашкиот напад на југ во Иран за кој одговорноста ја презеде екстремистичката група Исламска држава порасна на 91, откако уште две лица им подлегнаа на повредите, објавија на шести јануари тамошните државни медиуми, пренесе агенцијата „АФП“.
Бомбашките напади во Керман кои се случија на 3 јануари беа насочени кон луѓето кои присуствуваа на церемонија за одбележување на четвртата годишница од атентатот на воениот командант – генералот Касем Солемани, кој е убиен во Ирак во 2020 година во напад на американски беспилотни летала.
По нападот, Иран најави затворање на границите со соседните земји Авганистан и Пакистан за да ја зголеми безбедноста.
Видете и ова: „Исламска држава“ ја презеде одговорноста за експлозиите во ИранОвој напад пак е најсмртоносниот во Иран уште од 1978 година, кога во подметнат пожар беа убиени 370 лица заробени во кино во Абадан, во југозападниот дел од земјата, стои во архивата на АФП.
Џихадистите на Исламската држава на 4 јануари ја презедоа одговорноста за експлозијата, а официјални лица на Иран на 5 јануари соопштија дека еден од „бомбашите самоубијци“ бил со „таџикистанска националност“, додека идентитетот на другиот напаѓач се уште не е утврден.
Најмалку 11 лица осомничени се уапсени во шест ирански провинции токму поради овој напад, соопшти ресорното Министерство.