Основното јавно обвинителство - Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за вчерашниот инцидент во кој беа нападнати вработени во М-НАВ, а за четворица од нив се бара притвор.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека за осуммината постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Видете и ова: Меѓусебни обвинувања на синдикатот и раководството во М-НАВ по инцидентот„Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, велат од ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител цени дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, со што до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага.
Четири лица поврзани со случајот со упадот во М-НАВ вечерва се однесени во Кривичниот суд. Меѓу нив е и Беким Незири, претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир и воедно вработен како советник во Македонската навигација, кој со лисици на рацете беше однесен во судот.
Видете и ова: „Вандализмот“ во М-НАВ последен во низата скандали поврзани со ДУИ
Неколку лица повеќе часови денеска беа на распит во полицијата за вчерашниот упад во М-НАВ и нападот на вработени.
Во вторник, Управата за финансиската полиција најави влез во М-НАВ. Финансиските инспектори ќе го испитуваат целокупното финансиско работење, работата на целокупниот менаџмент, јавните набавки, работењето на синдикатот како и последните вработувања.
Во вчерашниот инцидент, Беким Незири, вработен во институцијата и неколку други лица упаднаа во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром по прес-конференцијата на синдикатот на М-НАВ, на која порачаа дека нема да прифатат партиски вработувања.