Екстремни поплави и температурни минуси во Европа

Поплави во Франција, 4 јануари 2024 година

Делови од Европа минуваат низ екстремен почеток на 2024 година поради временските услови. Додека некои земји се борат со разорни поплави, други мака мачат со ниските температури.

Илјадници луѓе останаа без струја во скандинавските земји во петокот, на 5 јануари, бидејќи поплавите ги погодија Франција, Германија и Холандија.

Стотици предупредувања за поплави се во сила низ Велика Британија по силниот дожд што погоди делови од земјата во четвртокот на 4 јануари.

Финска и Шведска забележаа температури од минус 40 Целзиусови степени претходно оваа недела, најниски температури забележани оваа зима. Училиштата беа затворени бидејќи екстремниот студ го запре сообраќајот на патиштата.

Студот што ја зафати Скандинавија е дел од невремето што ја погоди и Западна Европа.

Видете и ова: Екстремно студено во скандинавските земји, во северна Шведска минус 40 степени Целзиусови

Обилните дождови предизвикаа поплави во Франција, Германија и Холандија.

Еден смртен случај поврзан со временските услови е забележан во Франција, а неколку градови на северот на земјата беа под вода по неколкудневниот дожд.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во четвртокот ги посети областите тешко погодени од поплавите во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт.

Околу 200 војници ќе бидат распоредени во петок, на 5 јануари во областа Мансфелд-Судхарц, каде што ќе поделат 600.000 вреќи со песок, изјави портпаролот на вооружените сили на земјата.

Сè уште не е јасен степенот на штетите од поплавите во Германија, но во петок се очекуваат нови врнежи, според Хелге Туши од германската метеоролошка служба.

Многу делови од северозападна Европа кои беа поплавени овој месец беа погодени и од бурата Сиаран, која донесе урагански ветрови и однесе неколку животи во ноември.