Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека одлуката за укинување на налепниците на возилата со регистарски таблички од Србија, донесена доцна во четвртокот, 4 јануари, дошла откако косовската полиција известила дека одлуката на Србија да дозволи слободно движење на возилата со РКС таблички на нејзина територија е целосно имплементирана.
Курти преку објава на Фејсбук порача дека државата Косово ќе дејствува доколку дојде до промена на ставот на српските власти.
Србија одлучи да дозволи слободно движење на возилата со регистарски таблички РКС од почетокот на првата недела во јануари.
„Од извештајот на нашата полиција, која со големо внимание следеше сè, се констатира дека имаме целосна имплементација и дека нема никакви инциденти или пречки. Затоа, врз основа на принципот на реципроцитет како предуслов за регулирање на односите меѓу независни држави, синоќа донесовме одлука да ги пуштат и возилата што доаѓаат од другата страна на границата со српски регистарски таблички“, рече Курти.
Видете и ова: Косовската влада ги укина налепниците на регистарските таблички од СрбијаТој додаде дека во случај косовската полиција во меѓувреме да добие пријави од терен за промена на пристапот или однесувањето на српските власти поради дозволување слободно движење на возила со регистарски таблички на Република Косово на територијата на Србија, односно попречување на слободното движење во која било форма, навреме ќе постапат.
За прашањето за слободното движење, Косово и Србија за првпат постигнаа договор во 2011 година, за време на дијалогот со посредство на Европската Унија за нормализација на односите.
По тензиите предизвикани од проблемот со регистарските таблички, во септември 2021 година беше постигнат привремен договор за регистерските таблички. Тој договор, кој требаше да важи шест месеци додека работните групи на Косово и Србија не најдат долгорочно решение, бараше возачите со косовски и српски таблички да ставаат национални симболи на нивните регистарски таблички секогаш кога ќе ја преминат границата меѓу двете земји.
Одлуката Србија да овозможи слободно движење на сите возила од Косово на територијата на Србија, српските власти ја донеле на 25 декември 2023 година. Одлуката стапи во сила на 1 јануари годинава.
Видете и ова: Вучиќ за одлуката за табличките со РКС: Избегнавме големи замки и опасностиВо објава на Фејсбук, Курти напиша и дека одлуката на Србија за регистарските таблички е „маневар на недемократската влада за сопствен опстанок“, наведувајќи дека „оваа самодисциплина на Србија се користи за да се намали притисокот на демократскиот Запад (Европската Унија, Соединетите Држави и Обединетото Кралство) кон Србија за изманипулираните и недемократски избори, но и за прикривање на официјалното отфрлање на Основниот договор за нормализација на односите од Брисел, но и за прикривање на сопствената одговорност во врска со терористичкиот и криминален напад во Бањска кај Звечан на 24 септември 2023 година“.
Одлуката на Белград беше поздравена од Европската Унија, која ја оцени позитивен чекор кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.