Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М- НАВ, во полициска станица по налог на Основното јавно обвинителство се врши службен разговор со Б.Н., информираат денеска (5 јануари) од Министерството за внатрешни работи.
Претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ Фахрудин Хамиди за денеска во 14 часот закажа прес-конференција во врска со актуелните случувања во Македонска навигација.
Како што наведе МВР во соопштение по нападот, во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата).
Во соопштение доцна ноќеска МВР информираше дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица и оти наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.
Видете и ова: Нападнати контролори на летање, МВР истражува кои се насилницитеОд Јавното Обвинителство денеска (5 јануари) соопштија дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот и дека во текот на денот се очекува кривична пријава од МВР.
Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.
Видете и ова: Синдикатот на М-НАВ обвинува за инцидент, МВР истражуваВладата синоќа најави дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе донесе одлуки поврзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.
Струковиот синдикат на контролори на летање ноќеска на вонреден состанок донесе повеќе одлуки и барања и најави штрајк со затворање на воздушниот простор од 10 јануари доколку во меѓувреме тројцата извршни директори на М-НАВ не си поднесат оставки или Владата не ги разреши.