Владата распиша оглас за нови 60 вработувања на државни службеници. Преку службата за општи и заеднички работи се отворени повеќе работни позиции на кој во најголем дел се бараат луѓе кои се од албанската етничка заедница, а помалку од останатите.
Така на пример се бара „помошник раководител на сектор за поддршка на директорот кој би бил Албанец, се бараат деветмина за вработување во Сектор за нормативно - правни и архивски работи и тоа „Албанец(ка) 7, Турчин(ка) 1, Ром(ка)“ пишува во огласот.
Отворени се и 4 работни позиции за „референти за достава“ и за сите се бара да се Албанци, се бараат седуммина „советници за финансиско - материјално работење“ од кои предвидени се работни места за „Албанец(ка) 5, Турчин(ка) 1, Влав(инка) 1“, и уште многу други.
Во СОЗР се бара и советник за односи со јавност кој исто така би требало да е Македонец, Советник за судски постапки кој е Турчин, или „соработник за стручно-административно работење“ за кој се бара да е Албанец.
Овие истакнувања во графата за етничка припадност како што е впишано во огласот се согласно годишниот план на институцијата за 2023 год.
Видете и ова: Балансерот за дрвосечачи во Малешевијата меѓу егзистенцијалното и етничкото прашање
Платите се движат од околу 40 илјади денари па надолу, во зависност од квалификациите и местото на кое би дошле нововработените. Огласот е распишан преку Агенцијата за администрација денеска, а рокот за пријавување изнесува 15 дена, сметано од денот на објавувањето на огласот. По истекот на рокот за пријавување, огласот ќе биде отстранет од интернет страницата на Агенцијата, се вели во објавата.
И секретаријатот за европски прашања бара нови 9 државни службеници во кои најголем дел од огласот се предвидени места за Македонци, неколку се за Албанци и еден Турчин.
Инаку пред празниците Владата најави дека од оваа година на институциите нема да им треба потпис на министерот за финансии за вработувања во јавен сектор. Секој буџетски корисник ќе треба да си направи годишен план за вработување. Тој план ќе треба да биде одобрен од надлежна институција, на пример министерство, совет на општина, а за државно претпријатие загубар ќе одлучува Владата.
Од 1 јануари за вработување во јавен сектор нема да се бара согласност од Министерството за финансии. Одговорност сега ќе биде на самите министерства, јавни претпријатија, институции, агенции, заводи, општини...
Видете и ова: Вработувањата во администрација без амин од Министерството за финансииВо меѓувреме, пак, голем број на државните институции од министерства до јавни претпријатија распишаа конкурси за вработување на административци.
Новите огласи доаѓаат на само два месеца пред формирање на техничка Влада, која треба да ги организира претседателските и парламентарните избои во мај следната година. Откако ќе биде формирана техничката влада на 27 јануари, според законот ќе треба да се „замрзнат“ сите огласи за нови административни службеници.
Според објавите на Агенцијата за администрација, само во изминатиов месец се отворени над 80 огласи во кои се бараа административци. Најдолг е списокот на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со која раководи Васко Стефанов од СДСМ. Оваа фирма нуди работа за 500 луѓе од инженери до хаус мајстори, курири, возачи и секретари. ЕСМ во време на минатогодишната енергетска криза зависеше од државната владина помош.