Доцна попладнево се случил напад во просториите на контролата на летање на Скопскиот Аеродром. Според претседателот на синдикатот на М-НАВ Александар Тасевски околу 15 часот пред објектот дошле неколку возила од кои излегле неколку луѓе кои влегле во зградата. Според него тие предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање.
„Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект Овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“, пишува Тасевски на својот ФБ профил,поради големиот интерес на медиумите.
Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи, вели синдикалецот.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека работат на случајот.
„Денеска околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во МНАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Претходно на прес конференција Тасевски пред објектот најави депонирање на откази на околу 30 луѓе, воглавно контролори за летање.
Нему подршка му дадоа голем број вработени зво чие име тој рече дека веќе не може да се продолжи да се работи со притисок кон нив. Напомена дека ова е првиот чекор, а следниот би бил штрајк, односно тотално затворање на македонското небо.
Ескалација на ситуацијата на М-НАВ кулуминараше вчера, кога по пријава на двајцата директори во институцијата поради закани, претседателот на синдикатот Александар Тасевски беше повикан на информативен разговор во полиција.
Пред неколку дена еден од тројцата директори на државната компанија за Контрола на летање М-НАВ, Љубе Стаменковски и инженерите на раководните инструкторски места си поднесоа оставка, откако како што пренесе порталот сакамдакажам.мк објави дека пропаднала селекцијата на кандидати на огласот на М-НАВ за инженери во Контролата на летање. Кандидатите не ги решиле тестовите за селекција, оти не ги знаеле одговорите, но и покрај тоа биле примени на работа.