Блинкен во нова турнеја на Блискиот Исток, во обид да спречи ширење на конфликтот

Ентони Блинкен - Американски државен секретар

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен заминува на Блискиот Исток на 4 јануари, во услови на интензивни дипломатски напори за олеснување на испораката на хуманитарна помош за Појасот Газа и зголемен меѓународен притисок врз Израел за намалување на цивилните жртви меѓу Палестинците.

Ројтерс цитираше висок американски функционер дека Блинкен ќе отпатува на Блискиот Исток во четврток, вклучително и во Израел.

Амос Хохштајн, висок советник на американскиот претседател Џо Бајден, исто така ќе отпатува во Израел за да работи на намалување на тензиите меѓу Израел и Хезболах.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави за новинарите дека Блинкен во сабота ќе има средби со турските претставници, објавија локалните медиуми.

Видете и ова: Блинкен во посета на Мексико во обид да најде решение за приливот мигранти

Претстојните состаноци на високи американски функционери на Блискиот Исток се случуваат кога ескалира ризикот од поширок конфликт на Блискиот Исток, и покрај колективните напори на западните и регионалните сили да ја ограничат војната меѓу Израел и Хамас на Појасот Газа.

Стејт департментот соопшти дека Соединетите држави и понатаму се „неверојатно загрижени“ поради ризикот од ширење на конфликтот на други фронтови, по убиството на високиот функционер на Хамас, Салех ал-Арури во Бејрут во вторникот.
Израелската војска соопшти дека е во состојба на готовност поради напад на либанската екстремистичка група Хезболах. Ова уследи по нападот со беспилотно летало во Бејрут во кој загина Ал-Арури, кој беше тесно поврзан со генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала.

САД испратија „многу директна порака до Хезболах“ и другите ентитети во регионот дека „сега не е време да се размислува за понатамошна ескалација“, соопшти Стејт департментот.

Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), исто така, изразија длабока загриженост поради каква било можна ескалација, а истовремено ги повикаа сите страни на воздржаност.

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) предупреди дека Газа станува катастрофа за јавното здравје, при што неодамнешното масовно раселување низ јужниот дел на Појасот поттикнува појава на болести.

Видете и ова: Убиен лидерот на проиранската милиција во напад во центарот на Багдад

ОН соработуваат со земјите за да ја олеснат испораката на хуманитарна помош, решавајќи го критичниот недостаток на хигиена и безбедна вода за пиење во Газа.

Во Вашингтон, американските власти рекоа дека се против насилното отстранување на Палестинците од Газа. САД, исто така, работат на повоена патоказ за палестинските територии.

„Газа не може повторно да послужи како лансирна рампа за терористички напади против Израел“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер во средата за Гласот на Америка.

„Она што на крајот сакаме да го видиме е Газа и Западниот Брег да се обединат под палестинско раководство“, и „секако Хамас нема никаква улога во тоа“.

Во меѓувреме, продолжуваат интензивните дипломатски напори за враќање на преостанатите заложници кои ги држеше Хамас во Газа.

Се верува дека 129 лица сè уште се задржани од Хамас или други екстремистички движења во Газа.