Министерот за финансии Фатмир Бесими тврди дека во Буџетот не се планирани пари за зголемување на платите на избраните и именуваните лица согласно со законското усогласување. Според него со ова нема да има пари за поголеми плати на функционерите во 2024 година.
„Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година. Тоа значи дека тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има интервенции во законот тоа да не се случи во 2024 година. Нема пари за дополнителното зголемување според законот каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата. Нема пари во Буџетот планирани за дополнително зголемување на платите на функционери и именувани лица“, рече Бесими.
Можното зголемување доаѓа како резултат на најавеното зголемување на просечната плата во март оваа година со што пресметките се дека платите на функционерите и именуваните лица би можело да се зголемат и за 400 евра. Вчера и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека нема да има средства за повисоки плати.
Видете и ова: Година во која на функционерите им беше добро – Си ги зголемија платите и се спасија од затворНо, за тоа да се случи, мора да се извршат седум измени на закони со што ќе бидат опфатени сите 1.260 функционери, колку што има во земјва, рече Битиќи. И премиерот Димитар Ковачевски се истакна дека секако нема да има за него дополнително покачување бидејќи на функција е уште 25 дена, кога треба да биде формирана техничката влада.
Од март годинава, функционерите добиваат зголемени плати за 78 проценти. Со одлука на Уставниот суд во март за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани.
За разлика од нив голем број на работници од јавниот сектор излегоа на протести со барања и тие да добијат повисоки плати.