Талибанците уапсија жени во главниот град на Авганистан поради носење „лош хиџаб“, изјави на 4 јануари портпаролот на Министерството за пороци и доблести на Талибанците.
Ова е прва официјална потврда за репресии врз жените кои не се придржуваат до кодексот на облекување наметнат од Талибанците, откако се вратија на власт во 2021 година.
Развојот на настаните претставува најнов удар за авганистанските жени и девојки, кои веќе се соочуваат со забрана за образование, вработување и пристап до јавните простори.
Портпаролот на Министерството за пороци и доблести, Абдул Гафар Фарук, не кажа колку жени се уапсени или што значи „лош хиџаб“.
Во мај 2022 година, Талибанците издадоа декрет со кој ги повикуваат жените да ги покажуваат само своите очи и им препорачуваат да носат бурка од глава до пети, слично на ограничувањата за време на претходното владеење помеѓу 1996 и 2001 година.
Видете и ова: Иранскиот парламент одобри построги казни за кршење на правилата за хиџаботВо изјава за агенцијата АП, Фарук рече дека министерството слушнало поплаки за недостаток на соодветен хиџаб меѓу жените во главниот град и провинциите.
„Полицајки беа испратени да ги уапсат жените откако тие не го послушаа советот“, рече тој, додавајќи дека тие ги прекршиле исламските вредности и го охрабриле општеството да носи „лош хиџаб“.
„Полицијата ќе го проследи случајот до судските органи или жените ќе бидат ослободени со кауција. Во секоја провинција, оние кои одат без хиџаб ќе бидат уапсени“, предупреди Фарук.
Видете и ова: Талибанскиот е најрепресивниот режим за жените во светотАпсењата се случуваат на помалку од една недела откако Советот за безбедност на ОН повика специјален пратеник да работи со Талибанците, особено за родовите и човековите права.
Талибанците ја критикуваа идејата, велејќи дека специјалните пратеници „ја искомплицирале ситуацијата со наметнување надворешни решенија“.
Изразувајќи поддршка за специјалниот пратеник за Авганистан, портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер на 3 јануари рече дека САД и понатаму се загрижени поради репресивните мерки на Талибанците против жените и девојчињата.