Претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски најави депонирање на откази на околу 30 луѓе, воглавно контролори за летање. На денешната прес конференција, Тасевски рече дека веќе не може да се продолжи да се работи со притисок кон вработените. Тој напомена дека ова е првиот чекор, а следниот би бил штрајк, односно тотално затворање на македонското небо.
„Од денеска ќе се започне со депонирање на оставки од сите контролори на летање од сите оние кои имаат раководни позиции, инструкториски функции, шефови на смени. Ќе почне нивно повлекување од сите проекти на кои тие се вклучени. Со самото тоа ќе се даде поддршка, не само на мене како претседател на овој синдикат, туку ќе се даде поддршка на сите оние активности на синдикатот на летање како и на оние чекори кои следуваат понатака. Ќе се даде воедно поддршка на сите оние инженери и техничари кои ги депонираа своите оставки од позиции и места во проекти како такви“, рече Тасевски.
Видете и ова: Оставки поради несоодветни вработувања, М-НАВ обвинува за тенденциозностТој посочи дека тие дефинитивно почнуваат да се окрупнуваат како бројка на луѓе кои застануваат во заштита на институцијата и во заштита на професионализмот, а пред се во заштита на безбедноста на воздушниот сообраќај кој, како што рече, не трпи компромиси по никаква цена.
Ескалација на ситуацијата на М-НАВ кулуминараше вчера, кога по пријава на двајцата директори во институцијата поради закани, претседателот на синдикатот Александар Тасевски беше повикан на информативен разговор во полиција.
Пред неколку дена еден од тројцата директори на државната компанија за Контрола на летање М-НАВ, Љубе Стаменковски и инженерите на раководните инструкторски места си поднесоа оставка, откако како што пренесе порталот сакамдакажам.мк објави дека пропаднала селекцијата на кандидати на огласот на М-НАВ за инженери во Контролата на летање. Кандидатите не ги решиле тестовите за селекција, оти не ги знаеле одговорите, но и покрај тоа биле примени на работа.