Генералштабот на српските вооружени сили покрена иницијатива и му предложи на српскиот претседател Александар Вучиќ, повторно воведување на обврската за отслужување воен рок во траење од четири месеци, соопшти Министерството за одбрана на 4 јануари.
Ова, како што се наведува, е направено „со цел да се подигнат одбранбените способности на српските вооружени сили, преку подмладување и подобрување на пополнувањето и обуката на активните и резервните сили“.
„Предлогот на Генералштабот на српските вооружени сили доаѓа по детално разгледување на општата безбедносна ситуација и современите предизвици со кои се соочува Србија како воено неутрална земја, што ја наметна потребата од прилагодување на моделот на регрутирање на Армијата, што ќе овозможи зајакнување на севкупниот регрутен потенцијал и обука на поголем број граѓани за одбрана на нашата држава“, се наведува во соопштението.
Претходно, министерот за одбрана Милош Вучевиќ најави почеток на собраниска процедура за поништената одлука за прекин на задолжителната воена служба и ревизија на законот со кој се регулира таа обврска. Вучевиќ за телевизијата Хепи денеска(4 јануари) изјави дека иницијативата се покренува врз основа на проценка на безбедносната состојба во земјата и дека многу европски земји повторно ја активираат обврската за служење војска.
Видете и ова: Повторно воведување задолжителен воен рок во Србија?Тој изјави дека 13 години немало задолжителен воен рок и дека Армијата „сега има потреба да го пополни резервниот персонал“.
„Имаме 13 генерации кадешто немаше задолжителен воен рок, 13 генерации ја напуштија резервата на српските вооружени сили. Нашите одбранбени и безбедносни потреби се да имаме нови регрути и нов одред, кој секогаш е подготвен да ја заштити земјата. Тоа не значи дека се подготвуваме за конфликти или дека некои војни се на хоризонтот“, рече Вучевиќ.
Во Србија, задолжителниот воен рок беше укинат на 1 јануари 2011 година. Оттогаш само оние кои доброволно сакаат, одат во војска.
Темата за повторно воведување на задолжителен воен рок не е нова во изјавите на функционерите. Претседателот Вучиќ ја најави во 2022 година, а една година претходно за тоа зборуваше и тогашниот министер за одбрана Небојша Стефановиќ.