Амбасадорите на НАТО и Украина ќе одржат специјален состанок следната недела, бидејќи Киев повикува на побрзо доставување на противвоздушната одбрана по интензивирањето на руските напади, соопшти во четвртокот Алијансата.
Во текот на Новата година, Москва изврши некои од најголемите ракетни и беспилотни напади врз Украина од раните денови на инвазијата во февруари 2022 година. Најмалку 32 лица загинаа во најсмртоносниот напад на Киев на 29 декември.
„Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе свика состанок на Советот НАТО-Украина за следната среда“, изјави портпаролот на НАТО, Дилан Вајт.
Тој додаде дека средбата ќе се одржи на амбасадорско ниво и дека е договорена на барање на Украина по неодамнешните руски напади врз украинските цивили, градови и населени места.
Вајт изјави дека сојузниците на НАТО веќе доставиле широк опсег на системи за противвоздушна одбрана на Украина и се посветени на дополнително зајакнување на одбраната на Украина.
Видете и ова: Украина го доби вториот германски систем за противвоздушна одбранаКиев вели дека најновите напади ја нагласуваат потребата западните сојузници да ја забрзаат испораката на опрема за противвоздушна одбрана, борбени дронови и ракети со долг дострел.
Од друга страна, поддршката за Украина од САД – „пресушува“ поради застојот во американскиот Конгрес.
Видете и ова: САД ја испратија последната транша помош за Украина достапна без гласање во КонгресотПретседателот Џо Бајден ја даде поддршката за Украина како приоритет, а американското оружје и финансиската помош беа клучни во помагањето на Киев во борбата против руските сили.
Но, десничарските републиканци извршија притисок да ги запрат тие напори, одбивајќи да одобрат нови буџетски трошоци, освен ако демократите прво не се согласат на сеопфатни, тешки нови мерки против илегалната миграција преку јужната граница на САД.