Советот за безбедност ги повика Хутите да ги прекинат нападите на бродовите во Црвеното Море

илустрација

Членовите на Советот за безбедност на ОН вчеравечер (3 јануари) ги повикаа јеменските Хути да престанат со нападите врз бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив и предупредија дека овие напади ја загрозуваат регионалната стабилност, глобалната слобода на навигација и снабдувањето со храна.

Членовите на Советот за безбедност на ОН, за време на првиот официјален состанок на Советот за безбедност на ОН во 2024 година, побараа Хутите да го ослободат „Галакси Лидер“ („Galaxy Leader“) и неговиот екипаж, јапонски товарен брод поврзан со израелска компанија, кој беше киднапиран на 19 ноември.

Видете и ова: Во американски напади убиени 10 бунтовници Хути кои нападнаа брод во Црвеното Море

Американскиот претставник во ОН, Крис Лу рече дека Вашингтон верува оти ситуацијата достигнала „пресвртна точка“.

„Овие напади имаат сериозни импликации за поморската безбедност, меѓународниот брод и трговијата и ја поткопуваат кревката хуманитарна ситуација во Јемен“, рече Лу, додавајќи дека нападите се закануваат да ја загрозат испораката на помош.

Јапонскиот амбасадор во ОН, Казујуки Јамазаки, рече дека Советот за безбедност на ОН не треба да дозволи нападите да продолжат.

„Во оваа насока, а имајќи ја предвид итноста и важноста на ова прашање, Јапонија смета дека Советот за безбедност треба да преземе соодветни активности за да ги одврати дополнителните закани од Хутите и да го одржи меѓународниот мир и безбедност“, рече тој.

Јеменските Хути, поддржани од Иран, денеска објавија дека извршиле напад врз контејнерски брод кој тргнал за Израел. Хутите ги засилија нападите врз трговските бродови во Црвеното Море во знак на протест против израелската офанзива во Газа.