Во Турција денеска започна првото големо судење поврзано со изградбата на зградите кои се урнаа во катастрофалниот земјотрес во февруари 2023 година, во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе. Во овој случај станува збор за хотелот Исијас во Адијаман.
Според турските медиуми, пред судот во Адијаман на југоистокот од земјата се појавиле 11 обвинети, меѓу кои и сопственикот на хотелот.
Тие се обвинети за „свесно невнимание“ при надзорот на изградбата на десеткатницата која се урна во земјотресот, при што загинаа 72 лица, меѓу кои 42 адолесценти - кипарските Турци кои беа на спортски натпревар.
Според обвинението, најмалку еден од катовите на хотелот бил незаконски дограден. Во вештачењето е утврден и многу слабиот квалитет на употребениот градежен материјал.
Видете и ова: Над 100 милијарди долари е штетата од земјотресот во ТурцијаОбвинетите се соочуваат со повеќе од 20 години затвор.
Градот Адијаман се наоѓа на помалку од 100 километри од епицентарот на земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтер кој се случи на 6 февруари 2023 година. Градот беше уништен во земјотресот.
Во земјотресот загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и 6.000 во Сирија.
Уапсени се повеќе од 260 лица кои учествувале во изградбата на зградите кои се урнаа во земјотресот, а дел од нив се обиделе да побегнат од Турција.
Градителот на 12-катница во Антакија наречена ренесансна резиденција, чии неколку стотици жители загинаа под урнатините, беше уапсен на аеродромот во Истанбул на 10 февруари додека се обидувал да побегне во Црна Гора.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не претрпе политичка штета од земјотресот и беше реизбран неколку месеци подоцна.
Видете и ова: Турските власти приведоа 184 лица поради урнатите згради во земјотресотЕрдоган за големиот број жртви во земјотресот ги обвини градежните претприемачи кои им плаќале на локалните инспектори за да можат да користат евтини материјали и незаконски да доградуваат катови на зградите.
Критичарите на Ердоган одговараат дека повеќето од големите градежни компании во земјата се тесно поврзани со владејачката партија АКП, пишува АФП.