Весна Дамева повторно претседателка на Судскиот совет 

Весна Дамева, претседателка на Судски совет.

Судскиот совет на денешна седница констатираше дека се враќа на сила одлуката од декември 2022 година со која Весна Дамева беше избрана за претседателка на ова тело. Судскиот совет претходно ја констатираше оставката на досегашниот претседател Сашко Георгиев.

Овие одлуки следуваа по пресудата на Управниот суд од 2 јануари оваа година со која беше поништена одлуката од април 2023 година за разрешување на Дамева, по која членовите на Судскиот совет го назначија Георгиев за претседател, а Дамева поднесе тужба за нејзиното разрешување велејќи дека било направено незаконски.

Видете и ова: Судски совет ќе ја разгледува пресудата на Управниот суд за разрешувањето на Дамева

На седницата членовите прво едногласно ја констатираа оставката на Георгиев, а потоа одлучија дека мандатот на Дамева како претседатрелка продолжува како резултат на одлуката на Управниот суд.

„Имајќи ја предвид одлуката на Управниот суд од 2 јануари, по поднесена тужба на тужителот Весна Дамева е донесена пресуда со која тужбата е уважена и се поништува на Судски совет број 02-934/1 од 04.05.2023 година, со која Весна Дамева тогаш е разрешена од функција претседател на Судски совет. Имајќи предвид ваква донесена одлука, констатирам дека по донесената одлука на Управен суд останува на сила одлуката на Судски совет за избор на претседател на Весна Дамева од 05.12.2022 година“, рече заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели.

По завршувањето на седницата, Дамева на прес-конференција рече дека длабоко се надева и очекува оти ова ќе биде и почетокот за враќање на довербата на граѓаните во судството.

„Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не може да ја почитуваат правдата. Јас сум за вистината без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата без разлика за кого е и против кого е“, рече Дамева.

Георгиев претходно за време на седницата рече дека откако бил избран во мај 2023 година, судот работел во комлицирано време во услови на бројни критики од Европската унија и САД.

„Не сум имал влијанија и притисоци и никогаш нема тоа да го дозволам. Свесно и одговорно го претставував советот како претседател“, рече Георгиев додавајќи дека очекува дека Советот во иднина ќе продолжи со работа и дека ќе може да се соочи со сите предизвици.

Видете и ова: ЕУ препорача 40 мерки за реформа на Судскиот совет

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.

Според Дамева, ако целта на критиката е во насока на подобрување на одредени состојби и надминување на одредени слабости, таа критика мора и треба да биде прифатена подеднакво и позитивно од сите нас.

„Би сакала да ја истакнам и поддршката што ни беше дадена од страна на ЕУ преку Извештајот којшто беше изготвен од страна на Оценската мисија во кој се детектирани сите состојби и слабости на Судскиот совет и верувам дека истиот на сите членови подеднакво ќе ни биде патоказ за постапување и понатамошно однесување во Судскиот совет, изјави Дамева.