Екстремно студено во скандинавските земји, во северна Шведска минус 40 степени Целзиусови

илустрација

Температурите во нордискиот регион паднаа под минус 40 степени Целзиусови втор ден по ред, соборувајќи го 25-годишниот рекорд за најстудена јануарска ноќ во Шведска.

Во Квикјок-Арењарка во шведска Лапонија живата паднала на минус 43,6 степени, што е најниска температура забележана во Шведска во јануари од 1999 година, објави шведската новинска агенција ТТ.

Во вторникот, во Никалукта, село населено со домородното население Сами во северна Шведска, е забележана температура од минус 41,6 степени Целзиусови. Селото се наоѓа во Лапонија, кое се протега од северните делови на Норвешка преку Шведска и Финска до Русија.

Видете и ова: ОН- Климатските промени носат „застрашувачка иднина“

Студеното време со снег и силни ветрови го наруши транспортот низ нордискиот регион, со затворени неколку мостови, а прекинати некои железнички и бродски линии.

Во Финска се предвидува дека времето ќе остане студено барем до недела, со температури до минус 35 степени.

Полицијата во поголемиот дел од Данска ги повика возачите да избегнуваат непотребни патувања во среда бидејќи ветерот и снегот ги зафатиле северните и западните делови на земјата. Од друга страна, југот на Данска е зафатен од поплави предизвикани од обилните врнежи од дожд.