Заклучно со 31 декември не пристигна одлука за продолжување на договорот за изградба на хидроцентралата Чебрен. МЖСПП ќе ја извести Владата дека тендерот пропадна, информираше денеска (3 јануари) ресорната министерка Каја Шукова.
Според неа, грчката компанија Архиродон во овие услови не обезбедила средства од банките за да можат да ја градат. Банкарската гаранција од 1,4 милиони евра нема да се активира.
ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.
Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година заради жалбената постапка која беше во тек.
Видете и ова: Пари за Чебрен има во буџетот, но веројатно ќе пропадне и 14-тиот тендерВладата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.