Путин потпишал рекорден број тајни декрети во 2023 година

Претседателот на Русија, Владимир Путин (архивска фотографија)

Речиси половина од претседателските декрети потпишани од рускиот претседател Владимир Путин минатата година биле донесени во тајност, јавуваат локалните медиуми, што е повеќе од која било друга година.

„Медиазона“ во извештајот од 2 јануари објави дека, според нивното истражување засновано на податоците од руската официјална веб-страница за публикации, 49,5 отсто од 997-те декрети Путин ги потпишал тајно.

Претходната највисока стапка Путин ја имаше во 2001 година, за време на Втората чеченска војна, кога 47 отсто од сите декрети беа тајни. Бројот на декрети потпишани во 2022 година, првата година од инвазијата на Кремљ на Украина, изнесуваше 996, а од нив 45 отсто беа потпишани во тајност.

Видете и ова: Путин во новогодишното обраќање само попатно ја спомна Украина

Независниот медиум наведува дека тајните декрети често се користат за наградување на војската и за помилување на осудениците на кои им било ветено ослободување од затвор доколку отслужат шест месеци војска во војната против Украина.

Податоците покажаа дека во 2022 и 2023 година најмалку 17 лица кои биле осудени за убиства биле помилувани и сите се бореле во војната против Украина, а потоа се вратиле во Русија каде биле ослободени. Путин на 13 јуни потврди дека потпишал указ за ослободување на осудените, велејќи дека „државата мора да стори сè за да ги исполни своите обврски“ кон оние кои се согласиле да служат на фронтот.