Во Турција уапсени 33 лица, осомничени дека шпионирале за Израел

Илустрација - „Силиври“, еден од турските затвори во близина на Истанбул.

Во Турција се уапсени 33 лица осомничени за шпионажа во корист на Израел, соопштија турските власти на 2 јануари.

Лицата кои се приведени во неколку провинции се осомничени дека за израелските тајни служби шпионирале странски државјани кои живеат во Турција, јави новинската агенција Анадолија.

Се трага по 13 осомничени за истите кривични дела, соопшти турското обвинителство.

Националноста на осомничените не е наведена.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на мрежата Х (поранешен Твитер) напиша дека израелските разузнавачки служби подготвуваат „агресија“ или „киднапирање“ на некои странци кои биле шпионирани.

Видете и ова: Ердоган - Повоена Газа мора да биде дел од суверена палестинска држава

Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври минатата година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој важи за традиционален сојузник на Палестинците, остро го осудува Израел.

Ердоган, кој во 2022 година воведе нова ера во односите со Израел по една деценија напнатост, минатата недела рече дека „нема разлика“ меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Адолф Хитлер.

Денеска, тој го осуди „обидот за саботажа на Турција и нејзините интереси“ и рече дека ќе го спречи тоа.

Во средината на октомври 2023 година, непосредно по почетокот на војната со Хамас, Израел ги повика своите граѓани и дипломати во Турција да ја напуштат земјата од безбедносни причини.

Турската полиција во 2021 и 2022 година уапси десетина лица осомничени за шпионирање на Палестинците кои живеат во Турција во корист на израелската разузнавачка служба.

Членовите на милитантната група Хамас долго време наоѓаа засолниште во Истанбул, но турските власти побараа од нив да ја напуштат земјата по нападот врз Израел од Појасот Газа на 7 октомври минатата година, во кој загинаа околу 1 140 цивили и којшто ја предизвика војна меѓу Израел и Хамас.

Сепак, членовите на Хамас оттогаш доаѓаат во Турција, особено за да се сретнат со високи турски официјални претставници.

На почетокот на декември минатата година, Ердоган го предупреди Израел на „тешки последици“ доколку членовите на Хамас бидат нападнати додека се на турска територија.