Пет лица во авион на јапонската крајбрежна стража загинале на 2 јануари откако нивниот авион се судрил со патнички авион на аеродромот Ханеда во Токио.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида во изјава за новинарите во живо на ТВ потврди дека загинале пет од шесте членови на екипажот во авионот што требаше да им пружи помош на луѓето погодени од вчерашниот земјотрес.
Тој изрази сочувство до оние кои загинаа обидувајќи се да им помогнат на луѓето во неволја во областа Ното во префектурата Ишикава.
Сите 379 луѓе во запалениот авион на „Јапонија ерлајнс“ се евакуирани, соопшти авиокомпанијата во чија сопственост е авионот.
Пожарникарската служба во Токио информираше дека пожарот бил предизвикан од судир на патничкиот авион со авионот на јапонската крајбрежна стража.
На снимката, за која се вели дека е направена во 17:47 часот по локално време (9:47 часот по средноевропско време), се гледа како авионот се движи по пистата пред експлозијата.
Потоа може да се види пламен од авионот, како резултат на кој авионот забавува. На снимката од телевизијата NHK се гледа како излегува оган од прозорецот на еден од авионите и под него.
Според портпаролот на „Џапан ерлајнс“, во авионот „JAL 516“, кој полетал од аеродромот „Њу Читозе“ во Хокаидо, имало повеќе од 300 патници.
Министерството за инфраструктура, транспорт и туризам соопшти дека го истражува случајот.
Ханеда е еден од најпрометните аеродроми во Јапонија, а многу луѓе патуваат за време на новогодишните празници.