Најмалку пет лица загинаа, а десетици беа ранети во нападите со руски беспилотни летала и ракети во и околу Киев и Харков на 2 јануари, за кои украинската војска рече дека се слични по обем на масовниот руски напад само неколку дена претходно.
Во Киев и околината три лица загинаа во напад кој предизвика голема штета на зградите и инфраструктурата, предизвикувајќи пожари на неколку места. Во Харков едно лице загина, а 20 се ранети во голем руски напад врз тој град.
Киев беше потресен од експлозии рано на 2 јануари, соопштија властите, а струјата беше исклучена во неколку области на главниот град на Украина, откако беше објавено дека системите за противракетна одбрана одбиле руски ракетен напад што се случи неколку часа откако руските беспилотни летала го гаѓаа градот.
Нападите доаѓаат еден ден откако Русија лансираше рекордни 90 дронови од типот Шахед низ Украина во раните утрински часови на новата година. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја ќе ги „интензивира“ нападите врз својот сосед.
Предупредувањето на Путин на 1 јануари дојде откако беше објавено дека во гранатирањето на рускиот пограничен град Белгород загинаа повеќе од дваесет луѓе, а повеќе од 100 беа ранети. Русија ја обвини Украина за тој напад на 30 декември.
Во објавата на социјалните мрежи, Зеленски рече дека Русија лансирала околу 170 нападни беспилотни летала Шахед и десетици различни ракети кон Украина од 31 декември.
„Веќе трет ден нашите воздушни бранители работат неверојатна работа. Им благодарам на сите партнери кои помагаат да се зајакне нашиот воздушен штит“, рече Зеленски.
Видете и ова: Украина погодена со најголем број руски дронови досега, вели украинската војскаКомандантот на украинските воздухопловни сили рече дека рускиот воздушен напад на 2 јануари е повторување на нејзиниот голем напад на 29 декември во однос на бројот и типот на проектили. На 29 декември Русија ја бомбардира Украина со околу 158 проектили и беспилотни летала.
Регионалниот гувернер на Харков, Олех Синјехубов, на 2 јануари изјави дека градот со 1,4 милиони жители бил цел на „најмалку четири напади“, во кои се оштетени катните згради и цивилната инфраструктура во центарот.
Украинската војска соопшти дека системите за противвоздушна одбрана одбиле руски ракетен напад врз украинскиот главен град неколку часа откако беше објавено дека руските воени беспилотни летала го гаѓале градот. Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев, рече дека 10 лица се ранети од паѓање на фрагменти од уништените проектили што паднале во неколку области, вклучително и на станбени згради.
Претходно, украинските воздухопловни сили известија дека ги уништиле сите 35 нападни беспилотни летала што Русија ги лансираше по полноќ, насочени кон неколку градови во Украина, вклучувајќи го и Киев.