Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални, кој отслужува 19-годишна затворска казна во затвор на Арктикот под обвиненија за кои се верува дека се политички мотивирани, на своите приврзаници им испрати „арктички прегратки“ за Нова година.
Во објава на Телеграм на 31 декември, Навални кажа дека му недостасува семејството и ја илустрираше објавата со фотомонтажа на која е заедно со сопругата и двете деца.
Сепак, тој додаде дека „не се чувствува сам, напуштен или изолиран“.
„Останете добри, чесни луѓе и обидете се да станете малку подобри и поискрени во наредната година“, додаде тој.
Инаку, по 19 дена откако не се знаеше каде се наоѓа, беше откриено дека Навални е преместен во строг затвор северно од Арктикот.
Озлогласениот затвор „Поларен волк“ е познат по брутални услови и по тешка изолација.
Навални отслужува 19-годишна затворска казна поради обвиненија за екстремизам, за кои тој и неговите поддржувачи велат дека се дел од кампањата за прогон, чија цел е да се сузбие неговата политичка активност. „Амнести интернешенел“, групата за човекови права „Меморијал“ и други го сметаат за политички затвореник.
Четириесет и седумгодишниот Навални беше затворен во 2021 година, откако доброволно се вратил од Германија, каде што бил лекуван од, како што покажуваат западните лабораториски тестови, обид за труење со нервен агенс.
Навални рече дека бил отруен во Сибир во август 2020 година. Кремљ негираше дека стои зад обидот за убиство на Навални и вели дека нема докази дека бил отруен со нервен агенс.
Казната му беше продолжена на 19 години оваа година поради обвинение за екстремизам.