Како ќе се постапува во случајот со Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, обвинителството ќе одлучува откако ќе се направи вештачење на пиротехничките средства со кои тој синоќа (30 декември) беше фатен во Скопје.
„За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката“, велат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Дрин Ахмети синоќа беше приведен откако во автомобил „ренџ ровер“ со албански регистрации, со кој тој управувал, беа пронајдени пиротехнички средства.
Видете и ова: Приведен Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети и косопственик на „Соравија“Од Министерството за внатрешни работи објавија дека при преглед на возилото биле пронајдени 749 парчиња пиротехника.
Приведувањето на 25-годишниот Дрин Ахмети се случило на улицата „Самоуилова“ во Скопје околу 20 часот на 30 декември 2023 г.
Името на внукот на Ахмети стана познато во јавноста во јуни годинава, кога беше објавено дека го купува деловниот објект „Соравија“ во центарот на Скопје вреден милиони евра. Тогаш не беше објавено колку чини купувањето на трговскиот центар, туку само дека има долг од над 20 милиони евра.
Со свои 25 години, внукот на Ахмети има повеќе бзниси. Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“, Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.
Видете и ова: Дрин Ахмети без вложен денар станува косопственик на „Соравија“