Вучиќ за одлуката за табличките со РКС: Избегнавме големи замки и опасности

Редици за технички преглед поради пререгистрација на возила за замена на табличките со ознака КМ со таблички на РКС, Северна Митровица, ноември 2023 година.

Со одлуката за слободно движење на возилата со косовски таблички РКС низ централна Србија се избегнати „големи замки и опасности“ за земјата, смета претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Тој рече дека смета оти одлуката на Владата на Србија, која ќе стапи на сила од 1 јануари, ќе биде од корист за српскиот народ и за Србија во целина.

„Наш интерес е Отворениот Балкан и слободата на движење, што важи и за возилата. Мислам дека оваа одлука ќе биде од корист за српскиот народ и за Србија во целина. Со ова и со некои други работи избегнавме големи замки и опасности за Србија“, изјави Вучиќ за Првата телевизија на 30 декември.

Во моментов, возачите кои управуваат возило со српски регистарски таблички на територијата на Косово мора да залепат бели налепници над државните симболи. Истото правило важи и за возачите кои возат автомобил со косовски таблички на територијата на Србија, но тоа ќе се промени од 1 јануари 2024 година.

Видете и ова: Табличките, една сопка помалку во односите меѓу Белград и Приштина

Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, на 25 декември потврди дека Владата на Србија донела одлука за слободно движење на возилата со ознаки РКС (Република Косово), истакнувајќи дека таквата одлука е донесена исклучиво од практични причини.

Тој оцени дека Србија во текот на јануари и февруари ќе се соочи со „големи притисоци“ во однос на Косово, но и оти ќе биде изложена на нови притисоци поради односите со Русија.

„Тие треба да го решат косовскиот проблем пред да влезат во какви било разговори за Украина. Крајот на јануари и февруари ќе биде врв на нивната кампања околу изборите за Европскиот парламент, а во март ќе има избори во Русија, каде што ќе дојде до обновување на мандатот на Путин, но и уште поинтензивен притисок од светот кон сите кои имаат некакви односи со Русија“, рече Вучиќ.